header image
 

Поезија во проза, без ритам

Љубов негде другаде.
Дождот ме мие како мајка мачка, а Сем вели
„Вечерва, сме море и солен ветар.
Не грижи се.
Но, немам ништо мое-напусто се мирам.
„Мојата мајка, моето дете, мојата цветна блуза“
Илузии, жестоки и прекрасни и лажни.
Седам на пластичен стол, во црна памучна сукња доземи
коса фатена немарно во плетенка
и рани по рацете од моите сопствени нокти.
Се што имам се празни листови.
Моето мисловно девојче се успа после првата успешна поема.
Од тогаш, и песните ми се лажни. И грди.
Тоа останува свежо, надежно пролетно кокиче
но спие проклето да е.
Сем пее:
„Можам ли да бидам сплетен во твојата коса?“
Летото ме гони и ме пика во себеси,
не го љубам – а тоа мене ме презира.
А Сем шепка:
„Дали те најдов, неполетна птицо…или те изгубив?“
Есента ме дочекува и ме балансира
додека одеднаш не станам рамноденица
но потоа ноќта почнува да расте како трудна жена
а Сем вели:
„Има нешта кои бледнеат, како нашите бескрајни, избројани денови“
и зимата ме топли во ќебе и ми ги грубее рацете.

Сем пее преку океанот.
Јас сум овде
и згора на тоа

-сама.

(Сем, од кого крадев, пее вака)

YouTube Preview Image

Констатација

Можам да и се помочам на целата моја поезија.

Кукавичка

Влажна, влажна ноќ.
Подемот гори како усвитен нож.
На едната острица балансира несреќа,
ѓаволска жена со убави остри потпетици.

На другата, мојата стара, стара вештерка од под креветот
зграбува со жолти заби и смрдлив сулфурен здив
и вели:
„Место подоцна да се враќаш – не тргај.“

Клечи овде.

*
А јас си велам, самата на себеси, и ме слуша мојата утроба и се стега.
„Успеху, кој си на врвот на сечилото, прободи ме во слабините.
Ќе биде тоа ужасно слатка болка.“

A bittersweet pоem

Ми го поминуваш прагот
го следиш галебот
телото ми го милуваш
-јод за раните, за смртта-ќилибар.

Но не е доволна секогаш бестелесноста, платоновноста
во твоето битисување,
струполување
непостоење,
измамување.

Не ти ги воспевам очите
ниту мажественоста овојпат,
само аголот во мракот
и кракот
на тоа твое нежно крило
ѕвездено, мило.

Секогаш биди
проклет,
измамлив,
примамлив,
тука.

Индустријализација

Везден го демнеме
патот ѕвезден
-а враните го колваат лебот од нашите фабрики
додека ние
ги врискаме сите славејски песни во фалсет

впрочем, свириме со трзалици на гласни жици

на срца неизорани, побеснети, преморени
во отровот наоѓаме афродизијак.

Го уништуваме небото со канониката,
патот го симнуваме во вис, го качуваме надолу,
го одиме наопачки, го градиме без
граѓа и калдрма,
само бура.
.
Боцките ги калемиме на раните,
а враните ријат ријат ријат
а луѓето ги слушаат криците
и спијат спијат спијат!
и прават ништо.

И кога месецот се симнува од доле, горе и надоле,
О, деца…!
Не, напразно е.
На ружите одамна им се вадат трнчињата,
медот им е одземен на пчелите.

Call mе all those dirty names, Sir.

I can be a breathtaking Lolita to you

your manly desires put on trial with a body too young to taunt,

yet which manages to arouse, almost diabolically

or a she-wolf, in a mating heat,

it’s irrelevant really.

A she-beast!

Should I be to you, what a daughter is to a father

serene, tranquil in all my youthful glory

a treasure of limbs and smiles and similarities

between your chin, my eyebrows, your intellectual gestures;

should i be a good, demure daughter to you father,

one which is a jewel for your collection, a joy in your old age?

Or maybe not entirely,

i could be as treacherous as a witch as well

oh master, you who knows all my nightingale songs sang in vain

i could be a she-cat with nails and claws and soft purring entangled in your hair.

I could partake numerous forms, all enthralling, like a forest lit by twilight

to bewitch you, to enslave you,

to enwrap you in all my soft tissues,

to entrap you in all my webs, carefully sown.

A drug, opium in it’s finest

liquid fire that threads trough your insides like a lecherous parasite

inflaming your blood.

Зеирене (писание до божицата моја)

Косите и се постари од Карпатите.

Знам, долго сум набљудувал

како сончевината ја потемнува до бакар

таа-громовник на пожудата.

Да се посакува Зеирене

не е прашање на моќ, ниту усмереност

туку кутро битисување

како што Тагоре ја прашува својата кралица:

дали може да бидам градинар во Вашата градина?

Така е, желба над желбите, снага преморена од тврдокорни песни

а денот никогаш не останува ante meridiem

туку доаѓа мрак, се сноќува за мојата љубов.

Да се посакува Зеирене е антика

песна останата како залче на нечив остар песјак

старост, бесмртност, покорност во поведението.

Но има убавина во тоа

Зеирене е убавината, и љубовта кон неа кога ја канализирам.

Овошките секогаш ми цветаат доцна наесен во нејзината градина.

Mоdus diligendi

Будалетинка.

Да љубам-како по грб морници да лазам

но ништо, ништо не се случува

-освен неслучките, и светот немарен пред мене

и јас оставен вo самарот.

Ох пеколе!

Остани каде што си

не приоѓај ни сега

достатно се проколнувам од тебе да бегам.

Немам ни љубов, ни ништо слично

само полна матарка исчекувања.

Си (Синеење)

Силно силувам со симболизми

симпатични синтаксички несовршености,

силуетата на несиметричниве силоси

скриени во психа

се симнува по стиховите.

Синеам.

Симпозиум за мојава синотија.

И самотија.

Синџириве и мене ме силуваат.

Симултано барам синус од мојата пасивна синтагма

и синтезата на моите ситости

и сиромаштии.

Заради синоптика.

Систематски би ја забележала сенката.

Се ситуирам кај ситнежот под ситото.

Јас сум сирак.

Навистина.

Сирова симплиција.

Ситничавост

ситнурија

ситнозрна

ситнолика, ситноода

ситноока ситница.

Сина птица.

Мојот љубен долу, во гробницата (или песна втора)

Тие се сосема безлични епитети

што тврдат дека моите чувства ја надминуваат Вашата смрт

-тоа не е сосема така.

Чекорев долго по истава патека, на таа таканаречена љубов

Ваша

моја

самиот Господ знае дека сето тоа е недефинирано

и не знам дали градевме кули од карти

или заѕидувавме девици млади во камени мостови?

И ве гледам сега, така мирен и нем,

клупата веднаш до гробот ваш толку удобна за седење

плочата Ваша иако свежа-неизмиена

а прескапо секое парче леб што го раздавам за душа.

Ама Ве молам, нема потреба од солзи,

престанете.

Не ми е воопшто тажно да ве гледам како труп

тие се толку неподвижни, убави за сликање

спастрени во своите најсвечени облеки

би сакала да ве запаметам вака (иако не сте ова Вие)

пред да почнете да скапувате и однадвор

во тоа дрвено ковчеже што ќе служи за да ни го сокрие вашето предавничко тело.

Вие ли сте навистина оној мој љубен кој го воспевав?

Љубовна (кандилото или крвта, љубен мој?)

(Вечерва за првпат, октровение.)

Премногу пати веќе вашите избори ме понижиле дури до земјата,

а таа земја толку корава и пуста

како тундра

во чија вода се собира целата збрчкана вивнатост што ја имав

можеби само кон љубовта

во која пречесто изумував да се потсетам дека би требало

луѓето што ја знаат смртта наизуст

како мене

да не избрзуваат убивајќи се.

Но боже, има околу неа нешто толку привлечно

љубовницата која би ги нишала своите колкови во гротеска

тивката сенка под дрвото на Вашата гробница

библиската убавица во Вашето предавство.

И нели, како сите добри приказни пишувани расклатени од уморни прсти

тогаш сеуште ги доев заблудите за Вашата љубов

или пак, уште полошо

пробував кон Вашето лице со прегорено кандило да фрлам малку светлина.

Одамна требаше таа моја неуморност да ја удавам фаќајки ја за врат

без премногу размисла

или, што ако ја наречам, таа наивна моја жед за најтопли ноќи и утра?

Нели е тажно-како е ова моја тивка песна посветена на љубовта

а ја создадов без љубов да имам спознаено.

Крвта е толку интересна

се надевам дека сте го забележале тоа.

Орач

Беше во робувањето на плугот,

во таа сосредоточена своја намера,

да бидеш татко на нешто што ќе никне

расте, дише, се врти кон сонцето,

твојата убавина насобрана во порите на твоите раце

извалкани во мајка-земја,

потта која би ја следела со јазик, во секоја твоја длабина и долина

прамните костенаста коса облепена на тоа гордо чело,

твојата сила, во чекорот, во садењето на житата,

твојата душа која од земја се храни.

Да, сите овие доблести твои, месењето на лебот,

огромно рунтаво, топло тело, сето тоа беше еден допир поблиску

до слободата, до блискоста

до тоа наше водење љубов кое никогаш не би дошло

ако не решив да ти донесам стомна,

да се напиеш, чиста, изворска,

да ме погледнеш под око, заслепен од сонцето,

дали од мојата душа или она над нас, жешкото,

никогаш со сигурност не би можела да речам.

Тишината со Андрјуша V

Го кутна на земја, и тогаш и сега. Му ги помодри усните и тогаш и сега. Алиштата му ги извалка во крв, душата во црнина. И тогаш, и сега.

Андрјуша, тивкиот Андрјуша, што ја откупи куќичката на врвот на ридот, за да си ја испие тагата во тишина. Мојот Андрјуша, со кој водев љубов илјадапати, а всушност само еднаш, кој ми го бакна рамото и ми рече дека кога би знаел да љуби, мене би ме љубел.

Мојот Андрјуша, граден како врба, висок и вит, со темни коси што му се прпелаат по тилот, густи веѓи и брчки околу очите, како оние луѓе што стареат рано, сосила.

Него го уби.

И можеби да ми изгореше тони пресувани лисја, да ми го поматеше детството со шлаканици, да ме силуваше на безброј начини, а не само на неколку, можеби тогаш ќе ме убиеше повеќе отколку што ме уби, убивајќи го Андрјуша. Па ни тогаш дури.

Сега само плукам на земјата пред него, да би го исплукала и последниот негов залак од мене, таа немилосрдна сила која не умее ни самата да си прости, ниту да се обвини, да би го исплукала паразитскитот гладен презир кој ми го вкотви тука, во оваа душа мека, сторена парампарче.

Клекнувам пред мојот сакан труп, спрострен на ладната земја небаре распетие, го обвивам со моево тело, да го заштитам од враните, иако бесцелно, му ги затворам клепките, плачејќи го лулкам, сакам да го вовлечам повторно во мене, од таму никогаш да не излезе, да се врати од овој аџилак.

Се е за првпат, ужасно тивко.

*

Тишината со Андрјуша е најзборливата тишина на светот.

Секогаш тишината со Андрјуша не е само тишина. Во неа има некои си малечки трпки што ми лазат по `рбетот, таков интезитет на нешта никогаш некажани, милост, во начинот на кој ги забива чевлите в земја, немирност што игра во мене, без да знае од каде се родила.

Често кога чекорам, задишана, кон врвот, кон нашето куќиче, си зборам со таа негова тишина. Ми кажува кои листови нема да ги загубат боите меѓу хартија, како да ги прескокнам корењата за да не се сопнам.

А потоа, потплашено тропам на вратата, и се поттргам малце, како години наназад, овојпат не во страв, туку во надеж, да ми отвори некој и да ме пушти вкуќи, в себеси, да ја замолчи веќе еднаш оваа тишина, да каже нешто, да оживее, да каже дека можеби би пробал да ме љуби.

Да ме оживее илјадапати, бидејќи со својата смрт и мене илјадапати ме уби.

Тишината со Андрјуша IV

Тишината со Андрјуша, е се освен тишина. Таа е дефиниција на сите симфонии, љубов предиплена самата во себеси.

А водењето љубов со Андрјуша е космос, и музика и метаморфоза. Среќа во нејзината најчиста форма.

Се сеќавам, се сеќавам на детството со Андрјуша. Не дека ми се допаѓаше, никако.

Тој-камен, карпа, бавност, тишина!

Јас-сонце, дожд, ветар, немир!

Лежиме сеуште на дрвениот под, ладна пот ни се слива по телата.

Колкупати низ годините се прашував каква би била таа цврста снага на допир, или каква би била таа негова неумолива сериозност, страствена?

Знам, сега. Боже колку не знаев.

Тој беше тивко, темнокосо дете, со рацете во џебовите и очи толку немирни летачи по целата небеска шир. Многупати ми се чинеше како под линиите на неговото кревко детско тело да избива некоја божествена сила, за која ни самиот не беше свесен, некоја си втора линија, склопчена во неговата силуета, втор свет-во оној кој бездруго веќе постои.

Кога дојдов натоварена со татко ми и куферите, пред неговата скромна порта, како да влегов во едно друго детство, оцрнето, горко.

До тогаш, татко ми и не беше голема грамада, само мала непотребност, одвратност.

Неговата рака, никогаш не ми пречела, ниту ударот нејзин, ниту тоа толку смрдливо милување.

Но сега, пред тивките очи на Андрјуша, Андрјуша од десет години кој своето дебелко раче го има немо склопено во мајчиното, Андрјуша со очи летачи по целата небеска шир, сега ми е срам, од мојата замачкана душа, од моите гревови, од моите недостојности!

И пробував. Пробував по секоја цена неговото внимание да го привлечам, јадејќи некултурно, носејќи секојдневно цвеќиња, крадејќи погледи.

Тој-ништо. Ќе си се затвореше во своето мало сопче, во кое се беше беспрекорно чисто, во кое сите четири раба на креветот беа беспрекорно исправени, небаре цемент, во која светлината ѕиркаше од само едно неописливо мало прозорче, во кое човек ќе влезеше и ќе влезеше во таа негова тишина, тишината на Андрјуша, тишината на неговите полици, на неговите книги, на очилата склопчени на ноќната масичка.

Андрјуша и мајка му беа сиромашни. Најверојатно и таа беше причината што таа малечка женичка не прими мене и тој мој чудовишен татко во тишината на својот дом.

Кој инаку би примил две турбуленции, два урагана, без да им го знае изворот, ниту суштината?

Андрјуша сеуште лежи до мене, со рацете стегнати околу мојата половина, опсипувајќи ја таа негова тивка љубов по мене целата.

Знае ли, како си приспомнувам, на тоа како татко ми ја уби таа негова сиромашна малечка женичка, го уби целиот живот на Андрјуша, ја уби мојата надеж за неговата детска љубов, од која неброено сум се откажала, и потоа ме седна на скутот, и ми рече: „Дојди, Ољи, ќе играме криенка“?

Нека не знае. Очигледно тука, во колибава тој си се помирил со тагата, и јас сакам да го почитувам тоа.

Нема да пуштам солзи, при сеќавањето на таа негова храбра мајка, која го стави своето тело, под туѓи удари, за да спаси туѓо дете.

Стопати, стопати ја имав видено нејзината крв, стопати повеќе посакував да е мојата.

А Андрјуша, Андрјуша кој ме учи повторно да болам, се надевам дека нема да ја изгубам и неговата.

Тишината со Андрјуша III

И нели, пробуваме да тропнеме по таа врата отворена кон детството во кое ја познавав Ољушка, како Ољушка, а не како негова ќерка, Ољушка, непоматена од времето, кристална насмевка-игриви очи-Ољушка, Ољушка со недооформени гради и благо пегава, Ољушка со мирис на сите џемови и мармалади заедно, мојата мала Ољушка.  Тоа беше времето кога мајка ми ми даваше секое утро благослов, пред да ме пушти да акам по полињата, да си ја барам белјата со боринче.

Но оваа Ољушка, што се ведне кон вратата за да ѕирне низ клучалката, мириса на грев, нејзиното тело-сиренска песна, а јас, ниту брод ниту јарбол, туку пуштен на ветрот.

И попуштам.

Слушам некоја си изненадена воздишка, но не се грижам. Ја притискам до вратата, се моткам со клучот, и секунда пред да кликне во клучалката, веќе сум и го обдарил вратот со бакнежи- можам да слушнам како се предава, не знам зошто, не знам.

Не мислам. Мислам, но само на тоа како да ја доведам наземи четириножно и да и ја зграбам косата меѓу дланки, грбот во лак да и го свијам.

Господи, кажи дека ова не ми беше намерата уште од одамна. Кажи и ги сите работи кои во мојов копнеж нема да ги изустам.

Кажи и дека ја следев во чекор, и секоја солза нејзина ми е позната. Кажи и во мене да бара засолниште. Кажи и Господе, јас сили за зборови не наоѓам.

И ете ја, нејзиното тело-моја трпеза, и покрај моето здрвено неверување, ме зема в рака и ме гали. Целата реалност се стопува во некоја си предгалактичка каша, колената ми потреперуваат.

Доле, под мене, сега.

И потоа, дал светлина, дал темнина, не можам да кажам.







Тишината со Андрјуша II

Одиме по патот, нагоре, дишеме длабоко, сонцето светнало високо на небото!

Ја гледам, и не чувствувам како да се овие погледи украдени, одиме низ светлината и да ја гледам е мое право, причина за моето постоење.

Смеам ли да го голтам нејзиното тело што сега од напор потреперува, имам ли право? Ох Господе, но таа го има се она што жена би требало да има, кожа мека и колкови како лулка и гради како најслатки дињи, да би посакал само в уста да ги ставиш.

Колку ли долго ќе морам да ја кријам возбуденоста, фасцинацијата со тивкото чудо на нејзината убавина?

-Знаеш Андрјуша, долго било откако не сум направила ништо детско. А знам во детството, се што правев е да бидам возрасна. Парадоксот никако да си го објаснам, во двете состојби стремеж кон обратното. Знаеш, колку студиозно се внесував и во најобичното пресување листови. Ги чував, колекциите, но тој ги запали, лани, ги сметаше за ѓубре. Ги запали сите до еден, без да бира, нити да им ја пресметува вредностa, колку тони злато во спомени имаaт тие исушени тревки. Вели дека не познава таква валута. Можеби е така, не знам.

Сакам пак да бидам малечка Андрјуша. Сакам да ги зграбам и да ги заштитам, со двете раце силно склопени околу нив, да ги притиснам на некое место незапаливо. Да се зграбам самата себеси, да се закатанчам таму, и да останам.

-Ене ја куќичката, Ољи, ако сакаш јас ќе те закатанчам таму. Ќе не закатанчам таму. Има конзерви со грав и месен нарезок, често седам таму во зима, кога `се по ридот замрзнува.

-И што правиш таму сам?

Слегнувам со рамениците. Нејзиното тело е сеуште меко, сеуште чудесно тука, а таа зборува за смртта.

Не е толку лоша работа самотијата, Ољушка, само не предолго време. Никако предолго.

*

Тишината со Андрјуша е најзборливата тишина на светот.  Во неа, како да му се вгнездувам полека одвнатре, а и тој мене, како взаемно а и по малку скришно да си ги препишуваме генетските кодови, како да се втурнуваме во некоја несвесна љубовна игра, без ни приближно да сме ги совладале чекорите.

Таква е тишината со Андрјуша-плодна земја неизорана.

Тишината со Андрјуша I

Отиде по него, како и секогаш, стуткана во покорување, отаде реката, замотана во велот, како што скромноста налагаше, а и никој да не ја открие во тој ниеден час, клепки спуштени девствено, надоле, ровката земја ја бакнуваат, толку што почнав и на калта да и љубоморам.

Им љубоморам на сите ентитети кои на еден начин или друг ја допираат, било да се тоа корењата од кои нејзините мали стапала се сопнуваат, или неговите незнајни дошепнувања. Илјадапати го проколнав, проклет да е!

Не е единствениот што во чекор ја следи, тука сум и јас, во сенките на сенките.

Но ќе чекам.

*
Зборувам секојпат пробувајќи да бидам погласна но неговото уво мојот кревок глас не сака да го збере. Тој е далеку, каде јас можеби никогаш нема да појдам. А доволно блиску за раката негова да ме плаши.

И седнувам полека на клупата, рацете во скутот, си играм со палците. Андрјуша, еве го од никаде, седнува до мене и молчи. Секогаш тишината со Андрјуша не е само тишина. Во неа има некои си малечки трпки што ми лазат по `рбетот, таков интезитет на нешта никогаш некажани, милост, во начинот на кој ги забива чевлите в земја, немирност што игра во мене, без да знае од каде се родила.

-Те видов синоќа. Одеше накај поткршениот даб од другата страна на реката, не?-прашува.

Мало подголтнување.

-…Да, имаше таму…

-Знам, бев, вчера. Знам што има.

Непријатно ми е, сакам да избегам.

-Како е Мина?

-Вилхемина веќе не доаѓа. Најдов насекаде портокалово мачје крзно, си помислив дека нешто ја нападнало. Ја довикував најдолго што можев. Потоа, помислив, знаеш, дека можеби нема да се врати.

-Жалам, Андрјуша.

-Немој. Јас жалам доволно.-Ме погледна некако, колебливо, ама погледот ме стресе, иако тој веднаш ги наведна очите.

-А, ти, среќна ли си?-зборовите му тежат во грлото, се гледа. Што ли му е на Андрјуша?

-О, па, знаеш…понекогаш помалку, понекогаш повеќе.

Станува од клупата и го тресе непостоечкиот прав од панталоните. Ме гледа некако чудно. Андрјуша, мојот Андрјуша. Граден е како врба, висок и вит, темни коси што му се прпелаат по тилот, густи веѓи и брчки околу очите, како оние луѓе што стареат рано, сосила.

-Ќе дојдеш ли со мене, денеска? Сакав да одам да прошетам нагоре, каде што одевме кога бевме деца, паметиш ли? Имаше едно…

-…куќиче, ми текнува. Таму живееше Баба Јага, и нели, одевме и и чукавме на вратата. Брадата и е толку искривена нагоре, а носот толку искривен надоле што се сретнуваат некаде кај устата.

Смеа му игра во очите.

-Не сум бил таму уште од таа една зима без снег, кога…-Кога му умре мајка му во рацете. Уште од тогаш не бил.

-Кога престанавме да зборуваме јас и ти.

-Ајде да одиме во куќичката Андрјуша. Можеме да тропнеме на вратата, и можеби некој ќе ни отвори.-Пробувам да се насмевнам, и тоа лета кон неговото лице и слетува таму  и се дуе.

Мракољубие во ниедно време

Како костур лежи на ровката земја гревот

и чека.

Никој не е во мир, птиците крескаат од некои си други неба

а писоците го темнеат заодот.

Би рекол ли, Боже, како децата твои се смешни

гротескни гаргојли, статуи камени во своите готски катедрали,

точки во времето, прав во космосот.

Одаите ни се ко со векови непроодени, а слоеви слоеви слоеви!

прашини ко со лопати фрлани

и ѓубре

и мирис на смрт.

Твоите деца шетаат со голи стомачиња по црнобелите фотографии.

Кој ли ги лови за да ги жали,

а самите не знаат дека умираат од глад?

Меч

Рудниците на цар Соломон

биле бездруго сиромашни, пусти пештери

те немале тебе, мое дете

нити заводливата облина на твојата острица

која ја потопувам во вода

во обликувањето.

Не знам зошто ми наложи мракот да те создавам

небаре си од моево чело

капка испотена

или си од моево срце жила истргната

иако нема крв да носиш-туку да пролеваш.

.

Одајава е во сенки

мое осило мило

последната битка која ми останува

си ти, недооформена, заводлива

и итра како жена

зарем Бог бил волку восхитен

со скапоцената тишина на својата творба

како што сум јас, со тебе

млада убавино на моите груби раце?

.

Јас еве, прашувам избезумен

но ти молчиш, ох, злокобно молчиш

не ќе се смилуваш

на оваа тажна самотија околу мене

те колнам и држам в уста како пцовка

без да помислам дека можеби ете…

луд сум, што те гледам како љубовница

твоето младо тело ја оттргнува од мене веќе ретката роса живот

јас се фрлам под тебе,

дете

љубена девојко

мајко

просто сечило

но ти не ме слушаш

твојот

Бог

татко

љубен човек

син

и смртната рана што допрва ќе ја зададеш.

.

Ти не ме слушаш, жеднееш само

за последното отчукување на моево прастаро срце.

Бездруго и затоа си скована.

Ковач

Ме држи вешто меѓу чеканот и наковалната

и ме обликува како усвитено железо

на висока температура, вжарено, пламнато, тешко

неговите јагленосани дланки се речиси нежни

додека ме раѓа од нешто неживо

ми вдахнува здив со мало делче од себеси

ме ткае и ми пее нешто меѓу усни

повеќе како да мрмори

тој човек-грамада во валкана престилка

и можам во очите негови темни самата себеси да се видам

моќна, не толку обликувана колку фасцинантна

моето вито тело свиено додека ме длаби

со својот занает

не знаејќи дека еден ден ќе бидам доволно остра да го пресечам.

Не сум занес, туку само едно малечко воздивнување

Ти ли си Бог, кој го демнам

слободно паѓајќи

гранка црна, гранка цврста

за да ме крвоса и помодри?

Во мислите ми, еве што се случи:

оваа страотна тишина замре, во илјада каменувања,

но тоа не беше ни толку важно,

штом успеав да ги створам од никаде

да ги воздигнам сите пропаднати амфитеатри,

да се преправам како ќе мрзнам на камените плочи,

гледајќи те растргнат од лавови,

ќе седам тивко сред аплаузите,

додека телото не ти го фрлат во зандани.

.

Го имав и денот со тебе,

и векот после тоа за да се сеќавам

и мислам дека требаше да биде доволно

наместо вака,

да пеам тивко песни во ноќта,

преисплашена,

како роб,

пред своето прво камшикување,

кој притоа знае дека ќе следат уште стотина.

Пустеење

Името ми е лирско јас, и тука сум за да признаам дека понекогаш знам и да чувствувам.

.

Зборовите одамна ме одбегнуваат.

Мојата соба е нема и сушна, иако сонцето ја пече во секоја сиеста.

.

Мир-немир, мир-немир, мир-немир.

.

Ме раскопуваат орачи со плугови, јас, мене, мојава корава земја.

Ме длабат одвнатре.

.

Прочитав достатно песни, за да ми го отрујат срцето со завист,

да ми ја обојат ноќта во неисполнетост.

Која ли е таа боја?

.

Му дадов на животот купче љубови за да може да ме зграби со две раце.

.

Ова е песна заради песна, знаете?

.

Напишав достатно празни поезии, за да си намачкам мевлем на раните.

.

Толку.

Hambre dеl аlmа

Човекот беше доста стар, како наведната врба, со кичма свиткана под невидливи товари. Брада, не толку долга колку бела, коса не толку бела колку долга. Очи-притиснати во едни две збрчкани окна, темни зрна неизедени.

-Ти, niña, ти имаш душа, малечка, дива како шума и планина. Нескротена. Сега е тивка, зашто јазикот и го имаат отсечено, а очите и опашката и се свиени, во покорување. Знам јас, тебе што те мачи, luz de mis ojos, ти имаш едно трнче, што те боцнало и боли, боли, никако не пушта. Тоа знае да те боцне, кога твојот дух е заробен, замандален, а затворот премал за неговата големина. Не можеш да пишуваш нели? Зборовите не се леат, како порано, кога не знаеја за друг начин. Не можеш да дишеш, знам. Воздухот станал толку редок, толку скапоцен, што подголтнуваш небаре на вратот имаш ортома. Ay, pero tu eres preciosa como un flor.  Бараш, бараш бараш, ѓаволски црвени чевлички за танцување, сега кога си принудена да одиш боса. Ти само го имаш она што ние го викаме, hambre del alma, глад на душата.

No te preocupes mi chiquita. Todo va a estar bien.

Желбата на Хулдра

Кога би ми дозволил со искршениве нокти да ја гребам кожата на

твоите недооформени мисли и да ти го крпам разумот со лудило

кога би ми дозволил да се склопчам во колевката на твоите

топли раце и таму тивко да заспијам,

ох, тогаш би те свила со опашкава блиску до градите

и не знам можеби би можеле

повторно да го создаваме светот.

Пињата

Ме крева до

првите гранки на дрвјата

и ме треска на земја

јас-исполнета

меѓу ребрата

со сите парталави облеки

на оваа вртоглава љубов моја.

Смртта на мачката

1.

Мачката сеуште умираше

долго откако тркалото се истркала

и ситна магла падна над крвта

и над асфалтов одоколу

но тоа беше само моја замаеност,

везот на мојот писок

и косиве што си ги пресадив на раце.

Ја гледам малата мачка додека се прпелка и се прашувам

каде беа накалемени

стражарските кули над убиствата,

над газењето на житото

и каде ми е мене коренот

а каде цветот.

2.

Везден ме гребе плевелот

и првото лице на солзите

а циркуските претстави се горчливи

како калеидоскоп.

Можеби е секогаш така

кога ситното телце

умира, умира, умира

кога јас

умирам, умирам, умирам

или е есен

и птиците лежат во пластични ќеси

со исечени грклани и исчупани копита,

но тие не можат да умрат

веќе крв не им останала,

ниту трошки во желудниците.

Само мравките глодаат коски.

3.

Во собата сум

во тој агол меѓу креветот и ѕидот

каде темнина секогаш зимува

мојот грб свиен, сторен-малтер

прашината молчи

заедно со

глобусот

лупата

свеќата

сликата

тишината

а грлово се згрутчува

во крикови кои ги проголтувам

и чекам да се најадам.

(монистра расфрлено по ќилимот)

Моите двајца прозорци се проѕевнуваат

и си ги склопуваат клепките.

Те ковам тебе, песно

Те ковам тебе, песно

во оваа ноќ на протечени приказни

иако никој нема да ја разбере смислата што ја наоѓам

во облите мирисни длабини на мојата кожа-

преку тебе.

Те ковам тебе песно

за да не се чувствувам виновна

дека денот ми поминал

пред да те расковам и заковам,

да не ми оджубориш како поток

-ако ти дадам да ми се измолкнеш од рацете.

Те ковам тебе песно,

да би си отковала куфери маки,

за потоа да можам да ги отпакувам,

и да ги пратам по Ахерон,

да запловат надоле, кон мртвило.

Те ковам зашто сакам, и зашто можам,

а и зашто онака своеволно течеш,

своеглаво купувајќи ми молитви,

без моја согласност насочена.

Сакам да бидам способна да љубам, ама да бидам навистина способна да љубам

Сакам да бидам способна да љубам,

ама да бидам навистина способна да љубам.

И небото да се раскрснува во доземен поклон,

и да се деполаризираат сите полови,

и да нараснат сите планини како теста на топло

со таа титанска сила на мојата голема љубов.

Сакам да бидам способна да љубам,

ама да бидам навистина способна да љубам

и тогаш можеби не би ми замирале зборовите,

зашто знаете, љубовта ве прави центрифуги,

а ако не, барем ви дава авторитет,

таа ги тера луѓето да погледнат накај вас

и да прошепотат, „погледнете ја, таа љуби.“

и сите да замолчат, вознесени.

Сакам да бидам способна да љубам,

ама да бидам навистина способна да љубам,

а тогаш ќе им речам на научниците

и на религиозните фанатаци

целата горда, ќе им речам:

„Ха! Вие будали! Па јас го имам она по кое трагате!“

и тоа во внатрешноста на мојот џеб го имам,

и во неговата надворешност,

ако џебот воопшто има надворешност.

„Јас, целата ваша потрага по вистината

ја собирам како конкавна леќа

и ја синтетизирам во оваа љубов со која ви се фалам“

Затоа сакам да бидам способна да љубам,

ама да бидам способна вистински да љубам.

Мора да постојат бессоните ноќи за да можат да постојат романите, малечка

Мора да постојат бессоните ноќи

за да можат да постојат романите, малечка.

Ти текнува ли, тогаш, кога те ебев,

и ти ме ебеше мене, на верандата

и потоа ми рече како си замислувала

дека пустината околу нас е всушност толпа

што станува во овација и вика:

“Курва! Курва!?”

Потоа, ти не знаеш, но јас не можев око да склопам

и те насликав распната, гола, пред публиката која ја посакуваше.

Таа моја слика во стихови и пот,

се искачи на врвот на листите

и ми ги купи ѓерданите со кои те обдарив

и свилата со која го повивам нашето дете.

Ти тогаш тоа не го знаеше, но јас те продадов,

моја малечка,

направив од твоето добро искористено тело

трпеза за нивните похотни раце

и нива за аплаузите по кои жеднееше.

Или ти ме продаде мене,

и мојот очај за да ти удоволам,

а малечка?

Јас ли испаднав будала што го направив моето-твое тело-сечие?

Потоа, ти ми даде да влезам во тебе,

но не доволно за да те спознаам,

а јас, будалиот, не ги забележав твоите затскриени очи

и желбата да ти ја оплодам матката.

Од твоето тло го роди цветот

чие семе јас го посеав,

но сега ти го доиш (полеваш)

и велиш: “Видете, тој растеше во мојата градина”

Тивко, навечер, се искрадуваш од креветот,

во кој секоја ноќ се обидувам да те поседувам

и му даваш на градинарот да ти ја сее и крои таа градина,

додека ти вика “Курво! Курво!”

занемарувајќи го фактот дека ти носев и публики и аплаузи

и ти подарив цвеќиња

и ти купив ѓердани и свила,

иако за нив те продадов тебе,

која го сакаше тоа?

Курво!

Дојди, дои го детево кое ми го изнуди,

дои го детево со кое пробав да те купам,

со кое ти проба да ме замандалиш.

Дојди и прегрни ме

и дај ми пак да те ебам на верандата,

да те направам моја, каква што никогаш не беше.

Калинка малинка

„Нејзината облека беше вонвременско чудо. Ни влезе во домот, и прагот со неа го преминаа и нејзините најдраги обувки. Балетанките, што ме потсетуваа на опинци, извезени со срма, пластичните папучи-психоделии во вртоглави бои кои во принцип и не си одговараат, штиклите што блескаат со монистра.“

Имам мачка, знаете?

Се вика Риса, и таа не е како повеќето домашни мачки. Секогаш се јази по завесите и гребе со ноктите, како дива мачка од џунглата.

Ама понекогаш, знае и да ми биде морфиум на сите болки знајни и незнајни.

Како кога легнувам навечер, и ногата ме боли, уште од одамна, од времето кога беше скршена, таа ќе ми се смести точно над глуждот, и лежи и преде и ме топли со нејзината мека присутност.

И понекогаш дури, кога ме боли срцето, од сите времиња што се менуваат, и од сите светови што веќе не се, и ми чука забрзано како машина за перење, таа ќе се склопчи и стутули на моите треперливи гради, и околу него, ќе ја сврзе опашката со мојата пулсирачка крв, и повторно лежи и преде и ме топли, со тоа што е тивка и тука.

„Таа сакаше да пие.“

Точно, само нафта не пијам.

„Но во таа нејзина навика, има некоја романтика, што ме тера да ја доживувам како скулптура од етил, со очи-живи и игриви, и усни-растегнати во веселост.“

Ох?

„Ми подари мало срценце од злато, таа жена чија крв ја носам, повеќе или помалку, независно од сите граници и детства поминати во незсознание.

На срцето имаше мала бубамара со склопени крилја, како во мир, и ми се чинеше дека од сите дарови што можеше да ми ги даде, таа одбра да ми ги подари зборовиве.“

Не, тоа не е бубамара, тоа е калинка-малинка, како што ја викаме во Бугарија. Таа лета, лета, и слетува на дланки, и тогаш ја гледаш насоката од која дошла, за да можеш да си го видиш правецот на среќата. Убава е таа, калинка-малинка.

„Да, убава е Калинка Малинка. Затоа нејзините живи бои и свиени крилца ги носам на срце, блиску до срце.“

Лонче

Нејзината подзаборавена насмевка ми е како домапристигнување.

Знаете, ќе ја наречам Лонче.

Таа изгледа вака: Има изразито бели предни заби.

Косата и е кафеавобушавовиткана и се гледа дека има скриени страсти за локни.

Има чпрто носе, и зелени очи, на кои до пред некое време не можеше да поднесе шминка, постојано трепкаше.

Едноставна е.

Не гледа филмови.

Во дворот одгледува цела Ноева арка, и секогаш името и го поврзувам со кокошки, фазани, кучиња, глувчиња, риби, зајаци.

Често ми ја посетува мојава приватна имагинарна зоолошка, некаде обесправена за да ѕирне подлабоко.

Моето другарство со Лонче е чудно, донекаде.

Си врвиме по животите,

јас на една страна,

таа на друга,

и без да се сопнуваме една со друга.

Потоа ќе се најдеме во некои безначителни утра, и ќе си ги сплотиме сеќавањата. Таа ќе ми ги објаснува тајните на хортикултурата, а јас ќе се преправам дека ја слушам додека и го бркам зајакот по градината.

Лилипут, така се вика.

Ќе ми направи кафе, и не знам зошто, но секогаш кога некој ќе спомне кафе, ми доаѓа во глава нејзината слика. Скоро никогаш не си гледаме, а секогаш ги превртуваме шолјите и се ѕвериме глупаво во талогот.

Се смее чудно, и некогаш е многу смешна, иако несвесно. Го сакам тоа кај неа.

Го сакам и нискиот лустер во нејзината соба од кој секогаш си ја удирам главата, и Хера, таа проклета сакана кучка што има посебен талент за лигавење.

Порано ќе си седневме кај нејзе во соба, Лонче спружена на креветот, а јас со кафето пред мене, како беспомошно и го сервисирам копјутерот.

Таа беше сама.

Јас бев сама.

Заедно со неа, ко да си бевме во друштво.

Ќе ми речеше како мајка и секогаш вика: „Секое лонче си има свое капаче.“

Зошто би очајувале тогаш беспотребно?

Сега е Лонче, покриен лонец што вари тивко љубовни манџи….

Кога таа се вљуби во жонглерот

Вчера таа се вљуби во жонглерот

чиишто топки кон неа се стркалаа

во мека коинциденција.

Љубовта им беше толку краткотрајна

што таа не фати ненадејни возови

тој не си ги избриша рацете од панталоните

таа не и кажа на мајка си која беше на смртна постела,

а тој не ја круниса како своја сопруга,

таа не му дозволи да и го обгрли телото,

а тој тоа не го ни посака.

Љубовта не им одеше ни дотаму

за таа да почне да носи фустани како вистинска дама,

a тој не се ни обиде да си ја истрижи косата и да се измие позади уши

таа не ни купи хормонална контрацепција,

а тој не ја обдари со букети за сите годишнини

таа не му рече дека ќе го чека

тој не ни помисли да останува.

Кога подобро ќе размислам

таа не го ни погледна в очи,

а тој не се ни подзамисли што е тоа што кај него ја привлекува

таа не ги зафрли косите во обид за кокетирање,

а тој не се задржа ни за миг на заоблените форми на нејзините гради.

Но на крај краишта

нивната страствена љубов,

нивната љубов над сите љубови

ја натера да се подзамисли пред да му ги шутне топките назад

го натера да се препне во изведбата уште безброј пати,

ги натера потсвесно да ја разобличуваат ликата на еден на друг-непознатиот

кој ако мигот не ги избегнеше

можеше да им ја вообличи иднината.

Вака таа замина да бдее за последен пат

на работ на креветот, пред жена што умира,

а тој побрза да ги фати наоблачените возови

кон иднините без ниедна друга допирна точка,

кои веќе ги дефинирале како жалосни прави што никогаш не се сечат.

Нејзините поезии

…молчат в мигов,

и сите цвеќиња се овенати,

сите дрвја соголени.

Сака да крене урагани од нерви

спрострени на прашина,

но некако, не и успева.

Трчај, девојко.

Завиј си ги болките во скутот,

и не прашувај за утеха.

Не сме ова ни ти, ни јас, моја Родилке

туку сеништата ни ги закопуваат прстите в песок,

како ноеви,

и не ни даваат да ги одлепиме канџите

од проклетава црвлива ограда.

Не сме ова ни ти, ни јас, мој љубен Јоргану,

туку згаснати ѕвезди,

супернова од нашите демони и трње.

Не сме ова ни ти, ни јас, Прегратко моја,

туку плевел во рајските градини

раскопан со лопата.

Ние сме и тупаници и змии,

и склопчени болки,

и кавги, безмилосни со нас самите.

Тргаме во утрата со пцости замотани в јазик,

небаре денот ќе го заноќиме,

небаре животот ќе го распаднеме.

Но не сме ова ни ти, ни јас,

туку сеништа, моја Родилке.

Да ми, животе, кроиш мрежи од љубови

Да ми, животе, кроиш мрежи од љубови,

та да застанувам на секој сокак

со нив да помуабетам.

Чуј ја, те молам мојата скромна молба,

јас не би да паѓам поради твоите сопки

на сите стрмни калдрми.

Да ги соберам во косите далечните ветрови,

и да ги просеам во мојава тивка одаја,

во која ги празнувам и трњата и цвеќињата.

Се е добро.

Ти течеш, а јас покорно те следам.

Дејствена

Затворам очи.

Дишам преку вентилацијата на моиве зборови.

Го слушам џагорот на моите мисли, и тишината на смисленото

Ја посакувам синотијата на онаа птица кон која се стремам.

Трчам, трчам, трчам!

Нема да речам дека ми фалат интервали и датуми, не!

Знам дека вечно ќе удирам по тапанот на мојата мрзливост,

таа неуништива животинска кожинка како крлеж оптегната преку мене.

Мојот живот е премалку путер размачкан на џиновска векна леб.

Дали ви е смачено да ми ги слушате песните?

Би требало човекот да е нишало меѓу светови, а не скршен порцелан.

На средината сепак, ќе остане само арс поетика.

Гигантска ништожност.

Мала големина.

Чадори

Ја сретнав повторно,

жената што ми го помина прагот за да прашува,

денот овојпат беше немирен

клокотеше по улиците во неизвалкани дождови

шлапкаше до глуждови во извалкани локви

течеше нагоре по задуманите нимбуси.

Овојпат бев покисната во тмурни мисли

и во невремето.

И одев по тесна, недогледна патека

со расипан чадор во рацете.

И токму кога бев на излезот

на патчето, на одот, на поројот, на денот,

излезе и Таа, од никаде

и ме препадна,

со својата неусогласена облека,

во својата шармантна бизарност,

со своите жабји очи.

Тенките усни стиснати во линија

како да си го џвака јазикот во беззабост

со израз отворен во чудење,

пред мојот брзоног поглед

за кој веднаш се покајав.

Моментот се развлече до недоглед

а премина пребрзо.

Сакав да и кажам,

дека ми е во песните

и дека ми мами насмевка.

Сакав да и кажам,

дека ми е убава во својата самотија

со која ми кажува приказни.

Сакав да и кажам, благодарам,

а потоа уште само едно малечко збогум.

Но се разминавме во тишина.




Советот

Денеска Таа ми почука на врата.

Ми рече:

Посвети и здравица на темнината,

а потоа зачисти го прагов на твојата куќа,

да би им посакала добредојде на идните љубови.

Ја изметов чергата пред порти

и застанувам мирно за да можам да ја чујам.

Ми вели:

Светот е тивок и гласен.

Немој да трептиш пред шепотите.

Слушај го молкот,

и тој да може,

нешто би ти кажал.

Сакај тивко и сакај многу.

Сакај безусловно, иако ќе го најдеш тоа неизводливо,

ама мораш!

Љубовта не е робовладетелска.

Позади границата што сам си ја поставуваш

како боцкава рогозина-

позади неа спие совршенството во длабок сон.

Затоа секогаш скокај со два чекора

и малку отпочинувај си,

водејќи љубов со среќата на движењето.

Сонувалка, јас и летото

Сонувалка одеше во главата создавајќи си музика.

Ова ќе биде долго лето, а во него-ни време за нешто. Треба да се молерисува, плочкари, лепи, сучи, преместува, треба да се бдее над мртвите и да се чека за бдеењето, во анксиозна несигурност. Треба да се направи листа на сите филмови што треба да се гледаат и на сите книги што треба да се прочитаат.

Треба да се живее со ветрот в коси.

Ќе одиме на кејот, секој ден нели? Ама, летоска можеби ќе почне да не дели градот. Јас ќе бидам онаму, ти сеуште тука, живеејќи на улицата на првите мои 16 години. Првпат се селам, знаеш? Ова лето нема да не касаат комарци заедно.

Да, и одговарам, нема да ме бараш кога ќе се затемни и кога штурците ќе се огласат, и да ме чекаш на терасата додека се расправам со моите и со патиките. Твојата улица, летоска, ќе биде онаа, далечната, со искршени светилки.

Нема да ми кажуваш дека мачките пак имаат мачиња. Нема да ги галиме сеуште слепите глувци, на оној кауч на кој што одамна се договаравме дека ќе ми го позајмиш за да ја изгубам невиноста.

Нема да го имаме сето тоа веќе.

-Ама ќе доаѓаш до таму, нели? Ќе ми помогнеш да ги цртаме ѕидовите, ако дозволи мајка ми, ќе ми помогнеш ли?

-А што би нацртале на нив, Сонувалке, дали црни дупки или цвеќиња?

Ќе видиме. Битно јас и ти ќе цртаме летоска. Иако ќе живеам на улицата со скршени светилки, а мојата соба ќе морам да ја соголам од убавината.

Мајка ми ми вика дека сево ова можеби и ќе биде авантура.

-А ти, Сонувалке?

-Нема да биде авантура. Си ја сакам собата. Не ја сакам далечината. Ама ја сакам мајка ми. Затоа ова ќе мора да биде авантура.

Ама жал ми е, сепак. За мрзливците. За тие што ќе заостанат зад мене и моите, откако ќе помине ова проклето стампедо. Жал ми е за нив.

За тие и под и над копитата.

Ама ајде, птицо. Дојди и гушни ме, барем ти и јас ќе ги цртаме ѕидовите летоска.

Да, светлино, токму тука мрзнам највеќе

И поминувам со раката по двете мали дупчиња над задникот.

Таму ги сместувам јагодиците од прстите и ја галам со изморенава душа.

Не знам што е тоа што ми предизвикува ерекција.

Дали начинот на кој си ставаше покрај себе секогаш чаша вода, додека работи?

Дали кога челото и се брчка, а очите и натежнуваат до пола капаци, или кога ме боли нејзината блискост?

Понекогаш, свесен сум дека ги посакувам нејзините дамки, ама се чувствувам виновно.

Човекот никако не би смеел да се заљуби во нешто толку едноставно.

Затоа се задоволувам воздивнувајќи од нејзините итри дланки,

и начинот на кој знае да ги склопи усните околу мене, издавајќи ми ги сите трепети кои пробувам да ги оскржавам.
Да, светлино, токму тука мрзнам највеќе.
Згасни ги сите твои претходни животи, пред моево тврдоглаво непризнавање.

Воочи дека не знам да те сакам поинаку и возврати ми ги возбудите подеднакво, ако можеш.

Ако не, јас сепак ти простувам.

Ти дарувам курва, мачоре мој

Дали ја имаше својата вкусна вечера денеска, мачоре?

Знам дека јас ја имав.

Бев надвор, кружев како мршојад по лешот на градов, и барав каде највеќе смрди.

Реата ми беше афродизијак, возбудлива еротска приказна што ми ги набабруваше срамните усни со исчекување.

Ги посетив курвите и продавачките и келнерите и секретарките и антикварите и хирурзите и чистачките и социјалните работници…

И сите смрдеа, боже, сите смрдеа!

Сите беа заспани насред кочина од мртви свињи, и ларви ги јадеа, а тие не можеа да го забележат тоа!

И додека ги гледав, настрана, пиејќи си го немо мојот коктел, ги гледав мувите што ги облетуваа и ги третираа како аеродроми од месо, нивните- бради, раце, нозе, носови, коси, образи, папоци.

Тие не ги гледаа ни мувите ни ларвите!

Ни мене не ме гледаа, ниту пак приметија дека сум мршојад, дека со нив ќе се хранам.

Но ги видоа моите нагиздени прсти, моите маникирани нокти, моите вештачки трепки, мојот истурен парфем, оох се тоа им е добро познато.

И затоа ме полираат, бесрамно, лакомо, ме ебат, или пак друго-посакуваат.

Не знаат дека се речиси трупови со кои јас и ти-мој мачоре-ќе си играме некрофилија.

И затоа ти донесов курва која ќе ти се даде распарувајќи си ја утробата.

Помислив дека не сакам да те јаде љубомора на градот, кој веќе ме имаше мене.

Задоволен ли си, мачоре?

Тајната на Еротиција

И ја обљубувам внатрешната страна на лактите, и чудно е што радо би се задоволил со тоа.

Ја испружува раката и ми дава да ја вдишам концентрираната фрагранција на нејзината кожа.

Ме потсеќа на дом, и на камин, и на остри утра, и на кисели дождови.

Ме потсеќа на леб-свежо изваден од фурна, сеуште топол во срцевината и крцкав во корките.

Поминувам со јазикот по сите нејзини денови и се чудам зошто луѓето поточно си ги загубиле мирисите?

И ги лупам тенките нокти додека полека ме нишка во скутот. Дали таа мене ме има создадено?

Во овој расказ ќе се вика Еротиција.

Чекорот тука и е сигурен, додека се распростира по белината на хартијата, и си ги оддиплува и пегла тајните.

Ми дозволува да ги споделам. Во моментов таа ми кажува како всушност јас се родив од нејзината неоплодена женственост,

безгрешно зачнат во бурињата нејзини мисли.

Што сум јас, ако не нејзина куклена претстава?

Секако дека ќе се задоволам со шмукање на нејзините полетни лакти, со сите несоодветни придавки со кои ме опсипува.

Вечерва е плодна како кроена лозница, и при секоја контракција ме дише, ме раѓа, ме љуби преку типките.

Маженце

-ситно, со црна коса облепена на испотеното чело.

Го возеше скејтот добра минута пред моите очи,

додека не се претумба преку своите обиди, и отиде прекутрупа до асфалтот.

(Притрчувам)

-Добро ли си?

(Му подавам рака набрзина)

-Да, да се е во ред.

(Се бори да стане со своите сопствени раце, туркајќи ја мојата несигурно)

-Сигурно?

(Прашувам сомничаво)

-Да. Скроз.

-Те боли нешто?

-Не.

-Лажеш?

-Не.
Го зема скејтот и се поттргнува. Не е расположен да дава интервјуа,

а рацете му се стиснати во тупанички.

(Се поднасмевнувам и продолжувам да чекорам по работ на денот.)

По се изгледа, на луѓето никој не им е потребен.

Емерзија

Астролошки гледано:

-избивање

-изронување

-излегување на едно небеско тело од сенката на друго

-постанување видлив.

Мислите ли дека можам?

Би сакала да избијам.

Би сакала да сум жена пеперутка

да ја отфрлам змискава кожа, небаре кожурец.

Би сакала да изронам

од матнава вода

нагоре,

да станам гозба за галебите.

Би сакала да се насликам себеси

да се размачкам во вртоглави нијанси,

за да постанам видлива.

Би сакала да излезам од сенката на ова земско тело,

и да постанам небеско.

Мислите ли дека можам?

Облакотариум

Се надвиснувам над потпирката

над онаа пријателска рака

што ме удира,

удира.

Седнувам сама, одам расчекорена,

го гледам Бога кога ќе ги раширам очите.

Облаците прават облици од ништо.

Исто и Тој.

Исто и јас.
Но ништото не било никогаш порелативно

отколку во моиве раце.

Всушност е сосема прикладно за моделирање.

Облачно е.

Пропевам преку пречкртаните реченици.

Ова не е една од оние песни

што течат слободно како поплави.

Подобро, оваа плови по небото над мене,

во чекалната на Предоформувања.

Чувам илјадници песни таму,

во плодните матки

на мојава генетичка меморија.

Ќе ве зачудам со мојот магичен реализам.

Фикус

Го полевам по малку,

скржаво,

себично,

мислејќи на сметката.

Ама сепак, би го молела да расте

колку мене

и поголем

и да ме обвитка во своите мравчести лисја

во своите ненаметливи зеленила.

Во земјата околу него да си изградам куќичка

И да живеам како гном по неодржуваните бавчи.

Мој си фикусе.

Со мојава љубов те раснев.

Зарем сега ќе посакаш други птици,

откако ти дозволив да го ѕирнеш небото?

Таа чека, кажете и да се разбуди

Таа чека, чека,

со горд профил,

со усни напрчени во непокор,

чека трамваи

чека возови

чека по железни чекалници

со тело повиено од умор

со дланки стиснати од нестрпливост.

Чека-а куферите и се неспакувани,

облеката распослана по некосените градини

душата соголена

измазнета со ладен восок.

Ги плете чорапите на своите идни деца

во небесносино и нежнорозево,

со уши начулени,

секогаш будна на едно око,

со бутки полураширени

небаре во секој момент треба да тргне

на состанок со љубовникот.

А сето тоа е многу тажно,

неа животот ќе ја одмине додека таа го живее чекањето.

Кажете и да се разбуди..

Кажете и да се разбуди…

Боцкајте, и така сум разголена

Ни рече дека сме зелени-зимзелени.

И` верувам.

Трпеливо ги берам сите горчливи овошки

на мојава семкава мудрост.

Во ушиве ми зујат ситни пчелини осила.

Повремено чувствувам убоди.

Боцкајте.

И така сум разголена.

Имам вкусни плодови.

Имам сочни залаци,

крпени, крпени.

Немам корупки околу нив,

ниту боцки за да ги заштитат.

Боцкајте.

И така сум разголена.

И така и песнава ќе ми остане недовршена.

Ракоплескај, публико моја

За сите стихови што ги напишав

за да те хранам.

За сите мои посакувања

изгубени во твојата челуст,

ракоплескај публико,

за честа што ти ја укажував ден за ден,

галејќи те,

гладна.

За сите неиз`ртени надежи

дека ќе ми се поклониш.

Ракоплескај, публико моја,

за суетава тешка од шуплини,

жедна да го чуе твојот наведнат тил

и да го вкуси на усните

твојот громогласен аплауз.

Ракоплескај,

страв ми е од немава тишина.

Колкупати те замислував  пред мене,

замрзната во полудвижење

очи збрчкани во восклик,

восхитен крик залепен за горните непца,

порано, пред да ме проголташ?

Ракоплескај, публико моја,

за да не се најдам извисена

и без цел

откако долго те замислував.

Ракоплескај, публико моја

и сакај ме, мене

и моиве предолги песни

и моиве себеуништувачки несовршености

со кои те повикувам.

Ракоплескај, публико

и прости ми

што се дрзнав,

да те сакам

и да те мразам,

иако си

непостоечка,

отровна,

незаслужна.

Пост скриптум

Се прашувам каде одат сите неизјавени љубови. Мора некаде да постојат, не можат само да…испарат во воздухот нели?

Писмата ми се секогаш кратки.

Како си, што правиш, какво е времето таму, каде и да си, дали имаш топли тела што те греат навечер?

Светот е…огромна ладнотија, се надевам дека имаш. Можеби понекогаш и помислуваш на мене, оној кој секогаш ќе те топли. Ама ти не ја сакаш топлината нели? Ми избега кога сакав да ти ја закрпам облеката. Ти мене ми ја закрпи душава. Не сакав да те исплашам, се колнам. Мислев дека можеби ќе делиме исти алишта, дека ловејќи искри ќе-палиме кибритчиња .

Можеби се лажев, којзнае?

Ти си ми моја девствена завеса, кога го гледав светот преку тебе, не, нема да речам дека донесе боја во сивилото, секако дека ти немаш таква моќ. Но тоа што го гледав преку тебе, велу мој, беше мое сиво и твое сиво, наше монохроматско љубено море.

Имаш убави очи, од секогаш велев. И оној дел, позади увото, тука беше вкусно да се бакнува. Имаше белег од онојпат кога те потурив со врел чај. И мирисаше на липи.

И тогаш…ах, можеби е подобро да ги изгорам писмата.

Би требало да ти го пратам ова пост скриптум што..кого лажам…

всушност и никогаш нема да ти го пратам.

Слатки соништа, велу мој.

Спиј мирно, додека горат писмава.

Смртта на Гад мувата

Гад мувата е мртов. Не знам како се случило тоа. Можеби го згазило возило на некое погребално претпријатие. Или пак, ја утнал скалата што сите ја прескокнувале, бидејки била скршена. Можеби дури и му паднал клавир од небото и го смачкал, не знам. Галите и така одамна се плашеа дека небото ќе им се урне врз главите.

Ама, Гад мувата е конечно мртов.

Не го викам тоа самозадоволна, не. Па мене тој ми се допаѓаше.

Еднашка ми раскажа како си ја опнал главата од стакло, бидејки, слепец каков што си беше не видел дека всушност вратата е стаклена, и затворена. Хах, речиси го чувстувам неговиот дух како ми вели „Дали си нормална, па не беше само еднаш тоа“-и ја подига гордо главата, небаре изустува зборови толку мудри, што основано бара почит и мрморлива тишина.

Ама Гадмувата е мртов.

Знам ми раскажуваше, одамна, како си ја фатил ногавицата во врата од автобус, и за малку автобусот ќе си тргнел, влечкајки го со него. Секогаш кога ја слушав прикаскава, можев сосема реално да си го замислам, него, со својата трапава малодушност како немо пцуе: зашто ли Господе ја симнав капуљачата?

Ми беше смешно, не велам не. Затоа и ми се допаѓаше Гадмувата.

Се сеќавам, кога ќе се осврнам наназад, како ми остави своевиден тестамент, минус сите материјални добра.

„Ако умрам, сакам да купиш телескоп…и да крстиш ѕвезда по мене, и да пишеш на фејсбук и на блог за тоа. ^^ И секако…ќе треба да ме изидеализираш…колку прекрасно битие сум бил, просто ангел“

„Нема да те идеализирам“-му велам јас.

Но тој одбира да не ме слуша.

„Ќе ме идеализираш! Неизбежно е.“

Оф, смотано.

Не знаеше, сиротиот, дека ќе му се инаетам дури и кога ќе го јадат црвите.


Тој беше обична Гадмува.

Кога велам обична, мислам дека не беше дури ни смртоносен.

Беше талентиран до автосаботажа и грешен колку и секој човек.

Зелен како зелка, и тоа кисела. И во одредени случаи, кога беше приморан да употребува безобразни вокабулари во живо, пред девојче, црвен како ротквица испечена на сонцето.

Беше добар човек, тој, Гадмувата.

Не беше лишен од никакви патетики, дури и знаеше да пушти солза, понекогаш, преправајќи се дека тоа само ветрот дувнал посилно.


Ќе ми недостигаш, ти себична и проста Гадмуво.

Не ми требаат клишеа од идеали за да кажам колку си вредел.

Доволно е тоа што твојот безначаен живот, тивко, и на прсти, го допре мојот безначаен живот, и ми изнуди, не насмевка, туку громогласна смеа.

Затоа, јас, Кокошкравата. вечно сум ти благодарна.


——————-


Ова дело е фиктивно. Сите сличности со веќе постоечки личности се случајни. Затоа ако ги забележите, ве молам не кажувајте никому. ;)

А можеби така е и најдобро

А можеби така е и  најдобро.

Се додека ги чувам за себе

моите неиспишани љубовни романи

можам да ги контролирам сите перипетии.

Ти и понатаму ќе бидеш Студена,

но со соништата

ќе те топлам.

Ќе те смрзнувам и одмрзнувам како сладолед.

Ќе те држам под јазикот растопена,

небаре во секој момент ќе те исплукам…

Или ќе те голтнам

Да, можеби и така е најдобро.

Можеби е најдобро да те џвакам и да те сонувам

со усни меки од воздишки,

со тело меко од бакнежи

Да ти дадам да ме храниш амброзија,

да ме создаваш одново како Бог,

секоја вечер пред да заспијам.

Така ќе можеш секое утро нов човек да љубиш.

А и јас одновно во тебе ќе се заљубувам.

Немата молба

Зграпчи ми ги ерогените зони меѓу дланките

и подари ми букет од воздивнувања,

знам дека можеш.

Ајде, сигурно веќе се измори да бидеш опеван.

Покажи се, уморна сум од оваа перпетуална криенка.

Можеби си таму позади аголот, во гнездото на Темнана уличка.

Можеби шпарташ по улициве, како мене, ѕемнејќи за љубов.

Можеби сакаш да јадеш живо тесто, и да требиш ориз…

како мене.

Покажи се.

Ти наредувам.

Не биди плашлива кошута,

јас немам пушка во рацете.

Да бидеш сам и онака веќе достатно убива.

Трн-око-трн-око-трн

Кога си станавме секој на секој

и трн и ранливо око истовремено?

Ми текнува на Тебе, како ме тераш

да јадам спанаќ заради железото.

И Ти како го косиш тревникот

ми текнува на мирисот кој секогаш ми ги брчка ноздрите.

А Ти пак, Ти ме учиш како да пливам.

Сеуште не знам.

И сега се давам исто како кога бев малечка.

Се сеќавам и на грне други бесмислености:

Ти како пружаш алишта,

и Ти како се трудиш со мене

буква по буква.

Ми текнува на солзи

и Ти како ми ја галиш косата.

Господе, зарем не ме штитевте и тогаш

од се што немав?

Престанете ги овие бесмислени игри

-ви се обраќам на Вас, четворицата-

сакам повторно плачливи прегратки.

Кога ли си станавме секој на секој

и трн и ранливо око истовремено?

До несудениот љубовник

Најстрашното е што можев да го замислам тоа.

Ох, да можев добро да го замислам.

Со часови ќе лежев сама на изгужваната простирка,

а ми се чини не лежев на неа,

лежев под Тебе

и се галев самата себеси со треперливи раце.

Ќе те чекав да дојдеш, каде и да си.

Ќе имавме три мачки…минимум.

Едната сива, и со крзно дебело и меко, и со очи жолти како килибар, Смоуки.

Другата црна како амбис, како полноќ.

Миднајт, Полноќ, Поли.

Третата портокалова со риги

-неа не знам како да ја крстам,

ме потсеќа на детството.

Ќе имавме и глувче-машко-ќе се викаше Петунија.

Ќе имавме и солзи и смеа.

Ќе имавме кревет колку континент, и огледало над него. За да те гледам, додека водиме љубов.

Ти ќе ме имаше мене,

јас ќе те имав Тебе.

Но ти не зборуваше на јазик кој го разбирам.

Но јас не зборував на јазик кој Ти го разбираш.

Некаде се разминавме.

Се судиравме како бури во тихите затишја,

и тоа беа бури од страсти,

каде ти беше Бог,

и јас бев Бог,

и двајцата ќе бевме љубов.

Се судиравме како бури и после затишјата

водејќи битки што се молевме дека ќе ги изгубиме.

Јас-губам-ти-губиш-ти-губиш-јас-губам,

кој ли ќе добие и што?

Дојди тука, љубов моја, не сакам да станам шуплива како дрво.

Да го расфрлам телово по раскрсници, кога го загубив патот до тебе.

Кажи ми дека не постоиш.

Немој да постоиш.

Да не те жалам волку.

Жената што го помина прагот и прашуваше

Жената со торба разлетани листови
за првпат ја сретнав денеска,
откако ги испековме со баба ми
последните зелници.
Сликата на неа, во својата преголема јакна
изгризана на работ од комшиското куче,
со својата небојосана коса
од чии корени течат надоле сребреникави прамени,
сликата на неа го заѕвони ѕвончето на денов
-и ме најде сеуште замотана во некомплетирани песни.

Некако се фатив себеси
како припазувам детали околу неа
со кои бев фасцинирана:
Како долните трепки и беа погусти од оние на клепките,
како очите и беа силно, темносино,
уоквирени, округли и испапчени
и личеше на жаба.

Образите и беа свиснати, усните тенки линии вовлечени
и немаше заби.

Забележав и дека беше ниска и дебела,
со месести, збрчкани прсти,
со пожолтени, чисти нокти,
-и видов златен прстен таму, чудно извиен
и се прашав, дали и навираат спомени кога ќе го погледне?

Пет пати ме препраша за старосната група.
Се гледаше дека е изморена,
со воздишки одвај задржани позади усни
и со темни кругови под очите.

Некако баш ми дојде да ја замислам
покрај валкана печка на дрва,
како се туфка поради прашањата
што ги прашувала за кутија цигари,
прашања несакани…
Како повторува со оној нестрплив, трепетен глас:
„Ма знаете, јас веќе не припаѓам никаде!“
И потоа го пие кафето во тишина.

Кога ми го рече последното благодарам
и побрза по улицата,
најверојатно не ни знаеше
дека некој ќе и посвети аматерски стихови
и ќе си рече:
„Господе, колку убава, тажна жена.“

Небесна љубовница

Да сум небесна љубовница,

да водам љубов со облаците,

а не само да ги љубам ѕвездите, но оддалеку.

Да ги стигнам.

Да акцелерирам до брзина на..светлината…

а не да бидам само спора како мислата.

Да сум…спора носена од ветрот

па да се множам и множам како квасец на топло.

Да ја обљубам грдотијата па да ми стане шеќерна волна.

Да трупам бесмислени зборови

а да мислат мед дека од уста ми тече.

Да тлеам тивко во жарта, со нула кинетичка енергија, но потенцијална до максимум.

Да би прекинала да дрдорам.

Да сум грешен плод, и луѓето да ме гризнат и да прогледаат.

И да не сум сама, ох толку совршено сама.

Да сфатам дека од гужва не можам да дишам.

И на крај да љубам.

Можеби повеќе и ништо нема да биде важно.

Во 1:02 АМ таа пишуваше

Во 1:02 АМ таа пишуваше,

за да живее одеднашка

во трите преклопени дипли

на Порано, Сега и Утре.

Еве што прави таа додека пишува:

Ги синонимизира сите прилошки определби за време

и сите стануваат Сега.

Прекинува џунглата да биде толку бучна,

нема врева од сообраќај,

ниту крчкање во тенџерето на шпоретот,

лаење на кучиња не постои во светот во кој таа пишува.

Не отчукува часовникот толку гласно.

Сите моменти што биле досега

се грутчат по должината на минутава,

во која таа пишува,

спремни да ја треснат по глава и да ја остават

во купче мисловни именки,

згмечена на подот.

Пробува да си ги сече вените со мастило

и трошка по трошка да си ја собира храброста.

Глуми мазохизам.

Преживува.

Сака да-конструкции.

За музата во тагата

Имам една песна

што ја пишувам отсекогаш…

Се работи

за моите

неиспишани слики

ненацртани раскази

неодговорени прашања

непрашани одговори

за сите мои

љубови неизнудени,

а присутни,

за моите

надежи пепелосани,

скаменети,

за сите

соништа угаснати.

За музата во тагата.

За сите нешта што ќе останат недовршени.

Мојата сина птица пее елегија вечерва

Мојата сина птица пее елегија вечерва

Да речеме на пример дека светот е убав

-таа не ми верува.

Нејзиното оштро клунче

ми колве по утробата.

Шшш, седи таму, седи и молчи

така Буковски ја скротува својата.

Зарем ти мене ќе ми одбиеш послушност?

Но мојата сина птица пее елегија вечерва.

Ме прашува:

Знаеш ли каде отидоа убавите изгрејсонца?

Не знам.-велам.

Одеднаш бес ме исполнува и ја стиснувам силно меѓу двете раце.

Ја гушкам, ја гушкам и тивко и шепотам.

Се ќе биде во ред.

А потоа…

…нејзината темна крв станува мое мастило.

Кога Мимими го црташе светот

Кога Мимими го црташе светот

прво ќе направеше скица на небата и сонцата

и меѓу нив ќе оставеше празни простори да висат во Полуфазата.

Тогаш ги пушташе мислите да и отстојат

а со гумата бришеше наоколу за да го испразни местото

и онака,

колку да има што да прави

додека самата се губеше во мисли.

Во тишината меѓу Скицата и Цртежот

растеше Светски Вселенски Станици со рециклажа на конзерви

а во главата и се одвиваше имагинарна еволуција.

Да, таа успеваше секогаш да го нацрта светот

онаков каков што живееше во нејзината бушава глава,

тоа беше свет на МалоПринцовски Планети

и ружи-само за неа посебни.

Потоа ќе сенчеше-веќе нацртаното,

и конечно после многу колебања

просторот ќе го исполнеше со малечки Ништа.

Тоа не црташе нас, луѓето,

минијатурни партикули меѓу ѕвездите.

scan0001

*****

Мимими, фала што ми црташ насмевка.

Топка

Топката со која играв

удирајки по ѕидот на денот

ми направи модрица

точно над дланката.

Сега веќе и да не можам да пишувам.

Затоа,

ќе му кажам на Играчот

што цело време седеше до мене

и набљудуваше,

дека всушност

никогаш вистински не ги дознав правилата…

Но зарем, јас

која се најдов

од играта-изиграна,

од загуби помодрена,

остарена,

изморена,

заборавена…

Јас ли ќе те прашувам играчу,

за правилата на игра,

во која и онака излегов губитник?

Подобро ќе…

…учам додека губам

и ќе…

.

…играм до последниот здив.

Временска машина

Нахрани ме со спомени, те молам.

Од што сум гладна, би ти ги изгризала дури и прстите.

Ти текнува ли тогаш кога ги јадевме убавите вафли, само на изглед,

и седевме во временската машина?

Ти беше замислен пријател, уште тогаш дури,

а јас бев сама како песочен гребен.

Не верував дека сега ќе сакам да се најдам во тие времиња

во кои сум мечтаела за други,

така преживувајки ги сите моменти

цела вечност подоцна

приморана сега да го слушам повторно

реквиемот на моето детство.

Нахрани ме спомени, да,

да си ја изгубам сегашноста во минатото

само уште еднаш

за да плачам во иднината по неа-

долго откако и таа ќе има поминато.

Ништо Посебно

Знаете ли зошто ја сакам поезијата?
Со неа кажувам се, а изгледа како да не кажувам ништо.

Знаете ли каде живеам?
Мојата куќа е црна, таа има само покрив обесен среде ништо
и ѕидови што се рушат.

Знаете ли каде одат птиците?
Онаму, каде мене ме нема.

***

Понекогаш замислувам имагинарна идила.
Куќа со ѕидови, вистински ѕидови, и покрив што штити од бури.
Внатре има камин со оган од насмевки. И погодете, секогаш ми е топло.
Понекогаш, замислувам и мачки како војваат по ходниците. Така имам нечие крзно да милувам, и неколку очи што ме следат.

А понекогаш, замислувам дури и…осамена куќа, направена од жолти тули и тајни премини, и утра што мирисаат на џем и на мир, и на раце, секогаш родителски раце што прегрнуваат и тешат.

А понекогаш…понекогаш и замислениот дом испарува во тивки облачиња и се давам повторно во врисоците на моите гревови, онаму каде птиците никогаш нема да се вратат.

И повторно ме шиба дождот од мојот покрив што прокиснува.

Портрет на ветрот

Не, не, не! Не ми го коси тревникот на моите диви Надежи,

сакам да живеам во џунглата на сите Утре што би можеле да бидат.

Подобро дојди и седни до мене
заедно ќе му цртаме портрет на ветрот,
да видиме каде би се согласил да не носи.

Ме слушаш ли?

Реков дека сакам да сонувам.

И не ти давам да ме спречиш…

Студената.

Ја мислев ледена принцеза,иако облеката и беше распарана по шевовите, а косите и беа немирни.

Стапалата секогаш и газеа по гола земја, а во очите носеше зима.

Тогаш првпат кога ги сосредоточи на мене, нејзините зеници од обсидиан,

мислев дека

-изгрејсонцето одеднаш се струполи

во амбисот на нивниот

мрак.

Чекај, Студена, дај ми малку од твојата премрзната кожа

-само на чување.

И ме послуша, иако со задоцнување од грстови господови лета.

Тогаш започна Леденото Доба.

Моите очи со часови ќе водеа љубов со нејзиното бледо тело, многу пред Јас да се осмелам. Ќе ми наронеше снегулки во косата, а здивот и излегуваше во меки пафкања.

Каде си, Студена?

-довикувам.

Но овојпат таа не ме дослушува.

Студот што таа ми го позајми, постана топлина во кожурецот што го делевме, барем и на кратко.

Нејзе ја уби мојата предавничка топлина и моите напори да ги фрли парталите.

Кога таа единствено знаеше за Студ.

Полиуниверзуми

Мене метафорите од одамна ми шепкаат од нечии паралелни светови.

Да речам на пример дека јас сум птица, или во друга димензија-полжав што џвака лисја во бавчата на светов.

Во микрокосмосот јас сум атом што акцелерира до бесознание.

Во макрокосмосот сум црна дупка што консумира светови.

Живеејки во селото на можните исходи,

И

Прашувајќи ги,

почитувајќи ги

и земајќи ги предвид само нив

-можностите,

ние луѓето несомнено сме

богови.

Затоа јас одбирам да бидам светлина

што ќе пали сонца со кандилце.

Cosmos_Tree_by_farhadvm

Малата големина

Кога бев малечка и светот беше мал.

Се состоеше од мојата улица, улицата над неа и улицата што водеше до школо. Да, мојот свет беше три улици. И скалите меѓу нив. Тогаш скалите беа големи, и околу нив Најголемата Шума, со сите чудни суштества што шушкаа по изџваканите лисја.

Татко ми ќе ме фатеше за рачето, тогаш додека уште беше мало, ќе го стиснеше во неговата голема, груба рака, што на средината на дланката имаше младеж. И тогаш моите мали стапки чекореа тивко по сеуште неиспуканиот асфалт и утрата беа ладни, а сите мерки беа токму на место: Јас, мојата рака,моите птичји чекори и светот-малечки и чисти, а татко ми, скалите, младежот, шумата-тие беа џиновски чуда.

Некаде меѓу Тогаш и Денес, се сретнаа јас и ЈАС заедно поврзани и разделени со Промена. Сега сум поголема од колку што бев тогаш, тоа е неоспорно, но некако процесот на мое растегнување, беше право пропорционален со светот: и тој продолжи да расте. Некаде измеѓу моите стапки што оставаа скоро проѕирни траги по веќе напукнатиот асфалт, јас станав ништожна прашинка, или можеби си останав ништожна прашинка, додека светот полека се претвори во џиновско чудо.

Секирата на Дрвосечачот ги цепкаше дрвата во Најголемата Шума, сега од неа останаа само грмушки и цепаници, или можеби секогаш било така? Сега имам раце, немам рачиња, чекорите не ми се веќе мали, иако се сеуште подеднакво несигурни. Неодамна сфатив дека одамна рацете на татко ми не ги држеле моите, не знам ни дали тој ист младеж сеуште постои. Утрата се и понатаму ладни.  Трите улици изгледа биле повеќе како три димензии, никако мали. Шумата не е толку голема, чудните суштества не биле ништо друго туку ноќни лептири.

Ох каде сте сега мои мали стапки, да ме носите низ Шумата на моето детство, да го почувстувам повторно мирисот на ладните утра, и топлата груба рака што ми се чинеше Џиновска? Ве сакам назад, вратете се. Сакам да се вратам назад во времето на Непукнатиот Асфалт.

Тогаш пак ќе бидам малечка, а светот нема да биде Чудовиште што се надвиснува.